Декорирање бања

При избор на бојата, важна е големината на просторот. Поголемите и просторни бањи нудат поголем избор на бои за ѕидовите и за нивниот декор, како и можност за играње со бои, од земјени и природни бои и тонови до морнарскосини и длабокотемни, како и комбинации на различно обоени ѕидови

Природата внесена во домот со комбинација на современо-рустикален стил, комплетиран со додатоци од природни материјали.

Бањата е еден од основните простори во домот, без кој не се може. Како таква, нејзината првобитна функција е општопозната. Удобен дом значи удобно чувствување во него, во сите негови простории. Вклучете ја имагинацијата и заедно со знаењето создадете уникатна бања, извлекувајќи го максимумот од неа.

БОЈАТА КАКО ОСНОВА
Без разлика на стилот на бањата, бојата е основата што го носи изгледот и чувството во неа. Изборот е најразличен и секогаш воден од личниот вкус, сепак треба да се имаат на ум некои битни нешта. Тесните и мали бањи најдобро е да се обоени во бело, поплочени или тапетирани, со цел да се добие визуелен впечаток на поголем простор. Овој впечаток се засилува уште повеќе ако елементите на бањата се во бела боја. Но, за оние што не се љубители на клиничко белиот стил, може да изберат елементи во која било боја и сепак да не одземат визуелно голем дел од просторот. Поголемите и просторни бањи нудат поголем избор на бои за ѕидовите и за нивниот декор, како и можност за играње со бои, од земјени и природни бои и тонови до морнарско сини и длабоко темни, како и комбинации на различно обоени ѕидови. При избор на бојата, важна е големината на просторот.

ОСВЕТЛУВАЊЕ НА БАЊАТА
Осветлувањето е битен сегмент во декорирањето на просторот. Истото важи и за декорирање на бањата или при нејзиното ремоделирање. Размислете добро за природното осветлување и каде да го поставите вештачкото. Ако светлосните извори се поретки и ако имате простор, на пример на полица во бањата, земете предвид поставување на мала ламба врз неа или пак вградете го светлото во неа или под неа. Постојат најразновидни светлечки извори во најразлични бои и дезени. Поставете ги светлосните извори онаму каде што сакате да нагласите некој елемент или дел од просторот. Јачината на светлосниот избор треба да е водена од ефектот што сакате да го постигнете, силен и јак или, пак, придушен и интимен.

ОГЛЕДАЛА КАКО ДЕКОР
Огледалото во бањата може да биде силен декоративен елемент. Огледалата имаат особина да го направат просторот да изгледа комплетно поголем и попримамлив. Поставувањето на огледала зависи во голема мера од осветлувањето на просторот. Водете се според тоа, доколку е поставено прво осветлувањето и, обратно, доколку се поставени огледалата прво, според нив поставете го осветлувањето. Изборот на огледала е неограничен, но ограничете го според формата и големината, во согласност со ѕидниот простор. Различните форми и големини даваат различни ефекти. Овалното огледало и дава поинаков изглед на бањата од квадратното. И огледалото по цела должина на ѕидот наспроти малото огледало еден на еден, на бањата и дава сосема поинакво чувство. Размислете за врамување на огледалото, доколку ви се допаѓа тој стил, како и за декорирање со адекватни додатоци кои ќе го поддржуваат стилот на бањата. Повеќе огледала – поголем простор.

Врамено огледало во соодност со други дрвени елементи, акцентирано со дизајнерски светлосен извор, спојувајќи ги рустикалниот и елегантниот стил.

ДЕКОРАТИВНИ ДОДАТОЦИ
Додатоците во бањата секогаш треба да бидат во склоп со нејзиниот стил, да ја следат стилската линија на бои и форми и, секако, материјалот. Растенија, празни вази, вази со цвеќе, разни видови свеќи и аранжмани, мирисливи масла и стапчиња со соодветни додатоци, завеси или паравани, декоративни елементи од природни материјали или пак сјајно метални или матирани… Изборот е навистина неограничен. Создадете велнес-чувство, внесувајќи го вашиот личен вкус и карактер во бањата на вашиот дом со декор во согласност со стилот.

Уникатно експресионистичко капатило во медитерански стил со пејсажен допир.

Ознаки: ,