До нова кујна со неколку чекори

Скројте ја својата кујна според вашиот вкус и услови, мала или голема, отворена или затворена, во кој било облик, таа ќе изгледа уникатно и организирано

Како и при секоја друга работа што ви излегува како задача за извршување, така и кога имате потреба од нова кујна, не дозволувајте задачата да ви ја реши некој друг или, пак, да ја решите сами без претходно добро да испланирате и организирате сé. Ви нудиме помош со неколку чекори како најлесно и најсигурно да дојдете до нова кујна по ваш вкус и мера.

Отворена еднолиниска кујна по прецизна мерка со потполна искористеност на расположливиот простор

МЕРЕЊЕ

Пред да тргнете во купување, добро измерете го просторот во кој ќе ја сместите кујната. Нацртајте скица или план од просторот и внесете ги димензиите – мерките меѓу ѕидовите, ширината и положбата на вратите и прозорците, положбата на инсталацијата и означете ги сите други значајни елементи на просторот. Од помош ќе ви биде дводимензионален или тридимензионален нацрт на целиот простор, а доколку не сте во можност самите да го сторите тоа, на сцената стапуваме ние. Овој план ќе ви помогне во разговорите и пазарувањето со стручните лица, кои ќе ви ја обезбедат кујната по точна мера и желба.Висината на долните елементи треба да е во согласност со вашата висина и некаде околу 85 и 95 см, мијалникот од 5 до 10 см под вашите раце кога се свиткани во лактот, а плочата за готвење дваесетина см пониско. Кога плочата за готвење е вградена во работната површина, тогаш таа најчесто останува на иста висина со долните елементи. Горните ормани или висачи се поставуваат на минимална висина од 140 см. Доколку имате или сакате кујнски шанк, идеалната висина за него изнесува 110 см, а шанкерскиот стол 30 см понизок од него, околу 80 см. Ако шанкот е во висина со работната плоча и долните елементи, кујнскиот стол со висина од 40 до 45 см ќе биде пренизок, па идеално би било да изнесува 60 см.

Современа кујна со уникатен дизајн и функционално искористен простор, оживеан со бои, дезени и интересни додатоци.

СТИЛ

Изборот на стилот на кујната е ваша лична задача и за каков и да се одлучите, битно е тој да ја отсликува вашата природа и доколку се работи за отворена кујна, да соодветствува со стилот на трпезаријата или дневната. Не би сакале минималистичкиот стил на дневната соба грубо да преминува во рустикалниот стил на кујната.

РАСПОРЕД

Осмислете го распоредот на елементите и организирајте го просторот така што ќе биде воедно и пријатен и функционален за користење. Затоа организирајте го и тоа со помош на таканаречениот „работен триаголник“, кој настанува со поврзување на основните кујнски елементи и тоа фрижидер – мијалник – шпорет. Меѓу нив мора да постои одреден простор на работната површина за приготвување на храната. Најдобро решение е она кога не треба да поминувате долго растојание од едниот до другиот елемент, со што се намалува времетраењето на едно готвење, а заштедувате и физичка енергија.

Еднолиниска кујна со модернистички стил кој го запазува просторот по правилото на работниот тријаголник, пратено од соодветно осветлување на работната површина.

АПАРАТИ

Изберете апарати што со сигурност ќе ги користите во кујната, фрижидер, шпорет, машина за миење садови, кафе-машина, микробранова и др. Фрижидерот не смее да затвора видици и добро е кога е поставен на влез од кујната, па додека работите во кујната другите членови слободно можат да се послужат со него без да ви пречат. Шпоретот најчесто се поставува на поголем и поотворен ѕид, зашто е акцент на самата кујна. Машината за миење садови поставете ја до мијалникот, од неговата десна страна ако сте десничар и обратно. Така ќе ви се олеснат ставањето и вадењето на садовите од и во неа.

УНИКАТНОСТ

Уникатност лесно се постигнува со вашиот избор на материјали, бои и текстури, кој денес е огромен. Размислете и за осветлувањето и поставете го правилно. Можностите се неограничени, сепак држете се до правилото да ги осветлите оние површини во кујната што најчесто ги користите. Тука на сцена доаѓаат разните ламби и светлосни додатоци, кои може да ги поставите под висачите, во висачите, во ѕидот, на ѕидот, над шанкот, под шанкот итн. Декорацијата не треба да изостанува, но не треба да е претерана. Најразновидните свеќи и растенија секако дека ќе внесат посебност во вашата кујна. Не заборавајте ги и функционалните украсни детали како висечки и ѕидни додатоци за зачини и прибор, држачи за хартија и крпи, полици… Со неколку чекори и добро организиран план, стигнете лесно и брзо до новата кујна на вашите желби.

Просторна кујна во Г форма со остров и идеален распоред на елементите од работниот тријаголник за удобно готвење и уживање во храната.