Не секој го има, но скоро секој сака да го поседува во својот дом, било да е ентериерен или екстериерен. Каминот е тој кој што влева топлина, пријатен и екстравагантен амбиент во просторот. Огнот создава совршената атмосфера за пријатни мигови поминати во дружење и интимни мигови, ги буди сетилата и маѓепсува со своите пламени јазици.

Денешницата достигна навистина голем технолошки и структурален развој, што старите огништа какви што ги знаеше човештвото, одамна заминаа во заборав и се заменети со нови, стилски изведби. Денешните камини и печки се модерни, ефициентни, функционални, декоративни и еколошки пријатни. Изборот е навистина голем, од варијации на стилови и дизајни за избор од камини на дрвно согорување, електрични, пропански или гасни камини. Одлуката за каков камин да се стави во домот паѓа врз основа на тоа какво гориво ви е достапно за согорување и дали сакате камин кој истовремено ќе служи за затоплување на домот. Камините на природен гас се најпопуларни и во поголемиот број на случаеви, со подобри вредности. Сепак, камините на дрво и пропан повеќе одговараат во руралните домови и места, каде што не е возможно поврзување со гасни цевки. Електричните камини и гас камините ја имаат предноста да ја намалат потребата од чистење и полесни се за употреба. Ова се многу важни нешта за оние кои имаат здравствени проблеми со дишните патишта и се осетливи на прашина и пепел.

Камин на дрвно согорување во гранитно-камена изведба

Современ гасен камин во склоп со внатрешниот дизајн на собата
ДЕКОРИРАЊЕ НА КАМИНИ
Трансформирањето на собата во еден примамлив и привлечен топол простор, најдобро се реализира со акцентирањето на вашето огниште на начин кој интегрира и форма и функција. Тоа значи дека треба да се обрне внимание на стилот, дизајнот, сигурноста и функционалноста на каминот, било кога се гради или веќе е изграден. Кога одбирате асесоари за каминот, земете ја во предвид темата и стилот на собата и вкупното општо чувство на домот. Во рустикалните и рурални дизајни секако дека најдобро решение е камин или печка одржани во истиот тој стил. Ова важи подеднакво за секое внатрешно уредување на домот. Асесоари кои одат заедно со еден камин ги има повеќе на број, како на пример поличниот оквир или рамка на каминот, разните држачи на дрва и трупчиња, вентилациската опрема, стаклената врата, запалките и опремата за чистење, паравани и др.

Високо декоративен и безбедносен, статичен камински параван

Мобилен метален камински параван
Имајте на ум дека повеќето асесоари за камини, служат за одредена намена, а потоа за декоративни цели. Така параваните помагаат во сигурното одржување на огнениот пламен и неговата топлина, додека држачите на трупчињата дрво, запалките за нив, се дизајнирани за полесно започнување и одржување на огнот. Секако дека некои додатоци, како звучниот систем на пример, се дизајнирани за да додадат луксузност на каминот.

Разновидни додатоци за камини на дрвно согорување
При изборот на додатоците за камин треба да се запази типот на камин за кој се купуваат. Асесоарите за гасниот камин не се исти со оние за камин на дрвно согорување. Најмногу треба да се внимава асесоарите да бидат сигурни за користење и самите тие да не бидат хазардни за околината

Современ електричен камин во минималистички стил
Самиот асесоар по себе може да претставува силен декоративен елемент. Затоа одлучете се за асесоари кои ви се навистина потребни и избегнувајте мешање на стилови. Одржете ги додатоците во една иста изведба и со тоа веќе поседувате функционални елементи кои истовремено се корисни и декоративни делови од непосредната околина на каминот или печката.
Поличниот оквир е најчесто фокусната точка на каминот, која бара посебно декоративно и внимателно третирање. Како и со сите изложувачи, оквирниот изложувач има потреба од одредена рамнотежа и пропорција. Не декорирајте само случајно. Имајте го следното на ум:
- Кога декорирате со предмети од различна големина и облик, започнете со поставување на повисоките предмети во позадина, а помалите предмети поставувајте ги, како што се движите, кон напред. Со тоа е обезбедена целосна видливост на изложеното.
- За оние кои стојат цврсто зад симетричноста, докажаната и вистинска формула која секогаш функционира е да се стави еден голем предмет во средината и потоа да се декорира од двете страни со исти предмети или со такви кои се многу слични по големина и по облик.

Симетрично и балансирано декорирање на просторот и неговите елементи
- Секогаш користете непарен број на предмети, кога декорирате во група. На пример, три свеќи наместо две, или пет мали вазнички наместо четири. Ова важи најчесто за сите сфери во декорирањето на предмети од една група.
- Едноставен декоративен стил може да добиете со поставување на два силни предмети од двете страни на рамката од каминот, а за одржување на чиста и права линија, не поставувајте воопшто ништо, некогаш тоа е токму вистинскиот изглед за одреден просторен дизајн. За навистина да се создаде фокус и внимание на еден елемент, поставете еден голем предмет во центарот од поличниот оквир.
- Предметите треба да одговараат еден со друг по боја, стил или тема. Најдобро е кога се поврзани еден со друг на некој начин.
- Рамнотежата не мора секогаш да значи совпаѓање на нештата. Бидете креативни и обидете се да избалансирате еден поголем предмет на едната страна со неколку помали предмети од другата страна.
Не натрупувајте. Оставете им на предметите меѓусебен простор, за да не се изгубат во мноштвото.

Балансирање и давање на рамнотежа меѓу изложените предмети на полицата
И секогаш потпирајте се на вашето око, тоа ќе ви каже ако нешто не е во ред. Експериментирајте сé додека не ви се допадне сосема изгледот кој сте го создале. И запаметете дека изложувањето не е постојано, можете во било кое време да го измените.
Предмети кои најчесто се изложуваат како декорација на каминскиот оквир се: часовници, свеќници, рамки со фотографии, слики, вазни, статуи, декоративни кутии, чинии, огледала, книги, колекции, растенија и др.
За што и да се одлучите, претходно разгледајте го расположливиот простор на каминот за декорирање, целокупниот изглед и стил на собата, како и потребата од одредени наменски додатоци.


